Што се однесува до одржувањето на водоводната и канализационата мрежа во градот, може да се каже дека ЈКП „Комуналец“ успеа да одговори на сите пријави за дефекти од граѓаните. Нашите екипи кои можете да ги забележите постојано на терен со цел во најкраток можен рок дефектите да се отстранат. Само за илустрација може да се спомене дека водоводната мрежа во градот е со должина од 26 илјади метри, што само по себе зборува за каква инфраструктура станува збор.
Покрај тоа ЈКП „Комуналец“ ги одржува водоводите и во месните заедници Амзабегово и Немањици, а се очекува во наредниот период да ги превземаме за одржување и водоводите во Мустафино, Ерџелија и други населени места. Со последните зафати на колекторскиот систем целосно ќе ја ставиме во функција канализационата мрежа на градот Свети Николе, односно трајно ќе биде поврзана со станицата за прочистување на отпадните води. Тоа значи дека ќе проработи пречистителната станица и фекалните води преработени и чисти ќе се испуштаат во Светиниколска река.