ЈКП „Комуналец“ покрај редовните активности околу водоснабдувањето, отстранувањето на сметот, одржувањето на парковските површини, дел од вработените ги ангажира и за изведување на градежни работи. Досега се завршени повеќе градежни работи како што се поплочување на улици, тротоари, пешачки патеки со бекатон плочки и гранитни коцки. Во изминатиот период се поплочени околу 5 илјади квадратни метри. Граѓаните тоа може да го забележат на улиците: „Кочо Рацин“, „Вера Циривири“, крак на „Младинска“, „4-ти Јули“, паркинг плац кај Стопанска Банка, улица „Гоце Делчев“, „Рахилка Гонева“ кај полициските згради, крак на „Вељко Влаховиќ“, како и други помали улички и пешачки патеки. Ќе настојуваме во наредниот период сите вакви површини во Свети Николе да бидат завршени.

Што се однесува до хортикултурното и парковското уредување и одржување, покрај досегашните, ќе настојуваме оваа активност да ја прошириме и пред колективните објекти кои не се во централното градско подрачје. Тоа значи дека пред зградите во „Лозов Расадник“, „Лиска“ и „Каракански Бавчи“ хортикултурно ќе ги уредиме дворовите а веќе се изготвени и парковски клупи кои ќе ги поставиме на овие простори.

Во рамките на нашето работење спаѓа и градскиот пазар каде што преземаме одредени чекори за негово доопремување и уредување. Една од првите активности беше ставање во функција на новите санитарни јазли, а во иднина ќе настојуваме целосно да ги уредиме и продажните тезги.