Дневно светиниколчани создаваат од 20 до 25 тони смет, кои на годишно ниво изнесуваат околу 7 илјади тони. Ова се навистина големи бројки кои не тераат да размислуваме за нова локација на депонија бидејќи постојната не задоволува одредени критериуми. Таа во прво време беше направена како привремена за да во последните дваесет и повеќе години отпадот од Свети Николе се фрла во близина на браната „Мавровица“. Овој проблем е приоритет во работењето на ЈКП „Комуналец“ и ќе настојуваме со локалната самоуправа да изнајдеме нова локација за санитарна депонија која ќе ги задоволува сите еколошки и технички стандарди.
Воведувањето на новиот режим за собирање на смет во градот Свети Николе се покажа како позитивно. Во собирањето се вклучени 3 камиони и еден трактор со околу 20 вработени, а низ градот се поставени нови 48 големи контејнери со зафатнина од 1,1 метар кубен и 100 нови канти за смет поставени во централното градско подрачје. Ќе настојуваме за сите домаќинства во градот да обезбедиме канти за смет со кои поефикасно и побрзо ќе се извршува собирањето на сметот.